Мишел Платини ќе поднесе оставка од УЕФА

Претседателот на УЕФА, Мишел Платини ќе поднесе оставка од управното фудбалско тело, откако не беше прифатено неговото барање за укинување на шестгодишната суспензија.

Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја намали неговата суспензија на четири години, меѓутоа по пресудата Платини изјави дека се повлекува од функцијата.

Платини и поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер минатата година беа прогласени за виновни, бидејќи во 2011 година ФИФА му исплатила на Платини над два милиони швајцарски франци.

Платини и Блатер негираа дека сториле нешто лошо. Адвокатот на Платини изјави: „Мишел Платини ќе поднесе оставка од претседател на УЕФА на следниот конгрес на организацијата.“

Тој додаде дека Французинот е „длабоко разочаран“ од одлуката и оти ја смета за неправедна.