Протести во Грција, пратениците расправаат за нови мерки

Грчкиот парламент денеска расправа за новата спасувачка програма која треба да биде усвоена вечерва, пред утрешниот состанок на министрите за финансии од еврозоната, кога ќе разговараат за реформата во Грција, јавуваат грчките медиуми. Атина и нејзините меѓународни кредитори со месеци се обидуваат да се договорат за структурните реформи и мерките за намалување на трошоците, што ќе овозможи владата да продолжи да добива финансиска помош, со оглед на тоа дека расте загриженоста дека Грција повторно е на работ на банкрот.

Министрите за финансии од еврозоната утре ќе имаат специјална средба, на која ќе го разгледаат напредокот во преговорите со Грција. Политичарите сметаат дека преговорите ќе продолжат до редовната средба на министрите за финансии, на 24 мај.

Во меѓувреме илјадници луѓе се собраа денеска пред грчкиот Парламент, каде протестираат против намалувањето на бонусите за пензионирање и зголемување на даноците. Полицијата процени дека околу 5 илјади луѓе учествуваа во демонстрациите.