„Шарената револуција“ против корупцијата

Неколку стотици граѓани со свирчиња, знамиња и транспаренти попладнево се собираат пред Специјалното јавно обвинителство од каде започнува протестот, денеска фокусиран на корупцијата. Тие даваат поддршка на СЈО, институција, која според нив, има за цел да го почне расчистувањето со широко распространетата корупција на највисоко државно ниво. Во најава за денешниот протестот на социјалните мрежи е наведено:

„Слушнавме како се употребуваат јавни институции за партиски цели. Како режимот користи инспектори за да се пресметува со противници. Како се договараат огромни провизии. Сето тоа е корупција. Корупција значи иструленост и расипаност. Корумпирани институции значат иструлени институции. Институции кои не работат за граѓаните, туку против граѓаните. Во сето ова време, откако слушнавме за раширената корупција, Државната комисија за спречување на корупција молчеше. Денес ќе ги „поздравиме“ за овој нивен молк и ќе побараме одговорност“, се вели во најавата за протестот.