Тридневен генерален штрајк во Грција

Во Грција денеска почна тридневен генерален штрајк, во знак на протест против новите мерки за штедење кои се предложени за гласање во Парламентот.

Синдикатите од денеска објавија 48 часовен штрајк, кој е дополнување на штрајкот што беше најавен за недела. Од денеска, не работат државните служби, некои компании од приватниот сектор, не функционира јавниот транспорт, а штрајкуваат и новинарите. Болниците ќе примаат само итни случаи, стоматолозите ги затворија своите ординации, а не работат ни адвокатите и правните фирми.

Фериботите нема да пловат кон и од грчките острови до вторник. Грчките власти вчера се обидоа да преговараат со синдикатите на пристанишните работници да се пушта барем по еден ферибот, со оглед на тоа што на островите веќе има туристи, но не беше постигнат договор.

Грчките пратеници во Парламентот дискутираат за реформите во пензискиот систем кои треба да се спроведат во согласност со договорот со кредиторите. За предлог законот треба да се гласа во недела доцна навечер.