СЈО: ОЈО да постапува според законските одредби

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) соопшти дека Основното јавно обвинителство (ОЈО) до нив поднело барање за меѓуинституционална соработка, по повод предистражната постапка во која се испитуваат околностите под кои настапила смртта на лицето Коста Крпач.

Од СЈО информираат дека го прифатиле барањето и до ОЈО доставиле допис со кој споделиле податоци кои можат да придонесат во расчистување на околностите под кои настапила смртта на Крпач.

Сепак, наведуваат од СЈО, информациите и списите кои биле барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на Крпач, не се споделени со ОЈО, бидејќи истите биле дел од предистражна постапка пред СЈО.

Од СЈО истакнуваат: „Иако го прифативме барањето за меѓуинституционална соработка и во целост соработуваме со Основното јавно обвинителство Скопје, за жал од нивна страна отсуствува ваков однос на целосна и професионална соработка.“

„Повторно укажуваме дека иако до Основното јавно обвинителство Скопје имаме испратено барања за меѓуинституционална соработка, досега немаме добиено никакви податоци по повод нашите барања и не ни се доставени копии од казнените списи кои сме ги побарале, иако член 81 од ЗКП јасно го предвидува ова право“, се вели во соопштението на СЈО

„Истовремено Ве известуваме дека согласно член 9 став 9 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, сите тела за спроведување на закони, согласно Законот за кривична постапка, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поради што очекуваме во иднина Основното јавно обвинителство Скопје да постапува во целост согласно споменатите законски одредби“, велат од СЈО.