ЕК предложи укинување на визите за Турција и Косово

Европската комисија денеска усвои предлог што го достави до Европскиот совет и до Европскиот парламент за укинување на визите при патување во некоја од земјите-членки на Европската унија за граѓаните на Турција и на Косово.

Во однос на укинувањето на визите за турските граѓани, овој предлог доаѓа како дел од сеопфатнио договор на ЕУ и Турција за мигрантската криза, според кој Униајта се обврза дека Турција ќе добиие безвизен режим до крајот на јуни оваа година, додека турските власти како прашање на итност ќе ги исполнат незавршените одредници од својот патоказ за визна либерализација.

Предлогот на неформалната Влада на ЕУ денеска е претставен заедно со извештајот за напредокот на Турција во исполнувањето на барањата на овој план. Визната либерализација за Турција е клучна компонента на договорот ЕУ - Турција од 18 март оваа година.

Во однос на Косово, држава која е се уште непризнаена од пет земји-членки на Европската унија, предлогот за визна либерализација за граѓаните на оваа земја е претставен заедно со позитивната оценка на Европската комисија со потврда дека Косово ги исполнило барањата на процесот на либерализација на визниот патоказ.

Ако се биде во ред и Европарламентот со просто мнозинство до вкупно 751 европратеник го усвои предлогот, а Евросоветот со квалификувано мнозинство на ЕУ-земјите, граѓаните на Турција и Косово од 1. Јули ќе можат без визи да патуваат во Европската унија.