Шпанија издаде потерници за високи руски функционери

Владислав Резник – заменик шеф на комитетот за финансии во Државната дума.

Руски политичари и поранешни владини претставници, тесно поврзани со претседателот Владимир Путин, се меѓу десетиците наводни членови на две руски организирани криминални групи, кои се бараат по меѓународни потерници издадени од страна на шпански судија.

Во листата инсајдери на Путин, именувани од страна на шпанскиот судија Де Ла Мата, се вклучени сегашни и поранешни високи руски функционери кои биле задолжени за спроведување на руските закони, судските прашања, економските односи, банкарството и воениот сектор.

За оние што се именувани, се тврди дека се членови на руските криминални групи „Тамбовскаја“ и „Малишевскаја.“

Обвиненијата вклучуваат убиства, нелегална трговија со оружје, измама, фалсификување, мито, шверц со дрога и перење на пари.

Меѓу посочените се Владислав Резник – заменик шеф на комитетот за финансии во Државната дума и Николај Николаевич Аулов – шеф на Генералниот директоријат на Министерството за внатрешни работи.

Канцеларијата на Аулов соопшти дека обвиненијата се политички мотивирани и имаат цел да ја дискредитираат Русија.

Меѓу именуваните инсајдери во потерниците се наоѓа и првиот заменик премиер на Путин во 2007 и во 2008 година, кога претседател беше Дмитриј Медведев.

Исто така именувани се и поранешниот министер за одбрана Анатолиј Сердјуков, поранешниот министер за регионален развој Дмитриј Козак, поранешниот заменик премиер Игор Соболевски и поранешниот министер за информатичка технологија Леонид Рајман.