ЕК: Хан не испратил писмо до политичките лидери

Комесарот за преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан не испратил писмо до македонските политички лидери, во кое наводно бара да се договори одржување на лидерска средба во Брисел или во Виена, потврди денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ.

Таа изјави дека пишувањето на некои македонски медиуми дека Хан испратил такво писмо до Никола Груевски, Зоран Заев, Мендух Тачи и Али Ахмети е едноставно невистина.

„Нема писмо и не можам да претставам никаква супстанца од него, бидејќи не постои. Но, она што постои се елементи кои се искажани во детали во изјавата што беше објавена пред неколку дена и тоа ја претставува нашата позиција и нашиот пристап“, истакна Коцијанчиќ.