Во напади на турската војска убиени 34 милитанти на ИД

Најмалку 34 припадници на Исламска држава загинале во текот на гранатирање на позиции на терористичката организација во Сирија, извршени од страна на турската артилерија и беспилотните летала, лансирани од јужниот дел на земјата, соопшти денеска турската војска.

Во вчерашните напади, кои претставуваат одговор на ракетните напади на Исламска држава врз јужната турска провинција Килис, уништени се шест возила и пет позиции за напад на ИД.

Турските ракети прво погодија позиции на ИД на оддалеченост од околу 12 километри јужно од границата со Сирија, а потоа четири дрона, кои полетаа од базата Инџирлик во јужна Турција, ги уништија останатите цели, нагласи војската.

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу минатата недела изјави дека САД ќе постават систем за истрелување ракети во близина на границата со Сирија.

Килис и околните подрачја на границата на двете земји се честа цел на ракетни напади на ИД изминатите месеци.