Нема оптимизам за подобри односи меѓу Русија и НАТО

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на безбедносна конференција во Москва изјави дека состанокот на Советот НАТО – Русија не „влева оптимизам“ за подобрување на односите на Кремљ со НАТО и со Европската унија.

Шојгу рече: „не е наша вина што воената соработка на Русија со НАТО и со земјите на ЕУ е замрзната.“

НАТО на 1 април 2014 година еднострано ја прекина соработката со Русија, како одговор на руската воена интервенција во Украина и нејзината нелегална анексија на Полуостровот Крим.

Советот НАТО – Русија беше формиран во 2002 година, со цел справување со безбедносни прашања и други заеднички проекти, како неширење на нуклеарното оружје, соработката против тероризмот и меѓународниот шверц на дрога.

Состанокот кој беше одржан на 20 април беше прв од ваков тип од април 2014 година.