Втора недела протести против помилувањата во Скопје

Над илјада граѓани се собрани пред просториите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје во знак на поддршка за работата на оваа институција. Граѓаните втора недела протестираат против политичките помилувања од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Тие протестираат и против политиките на Владата и против избори на 5 јуни. Протестот го организира движењето Протестирам. Во повикот за денешниот протест од Протестирам наведоа дека се борат за ослободување од корумпираните деспоти кои земјата ја доведоа до работ на целосна пропаст. Учесниците на протестот бараат оставка од Иванов, одложување на изборите закажани за 5 јуни и формирање експертска влада која треба да го подготви теренот за фер избори. За денеска се најавени протести во Струмица, Битола, Штип, Куманово и Велес.