Петти дена протести против помилувањата во Скопје

Неколку стотини граѓани почнаа да се собираат пред просториите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје во знак на поддршка за работата на оваа институција. Бројот на присутни постојано се зголемува. Граѓани засега стојат мирно пред просториите на СЈО со транспаренти во рацете на кои пишува „Оставка“ и „Нема правда, нема мир“. Организаторите им делат на насобраните летоци за заштита на личната безбедност доколку има употреба на сила од страна на полицијата. Протестот го организира движењето Протестирам, кое се противи на политичките помилувања од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Тие бараат оставка од Иванов, одложување на изборите закажани за 5 јуни и формирање експертска влада која треба да го подготви теренот за фер избори. Ова е петти ден протести во Скопје. За денеска се најавени протести и во Струмица и во Битола.