Папата Франциск во посета на Лезбос

Архивска фотографија

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска допатува во, како што најави Ватикан, „хуманитрана и екуменска посета“ на грчкиот остров Лезбос. Како што јави ДПА, за време на престојот на Лезбос, папата ќе биде придружуван од вселенскиот патријарх Вартоломеј и поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот атински и сегрчки Јероним, при што тројцата ќе го посетат кампот за прием на мигранти Морија. Предвидено е тројцата црковни великодостојници да се сретнат со околу 250 мигранти, како и да ручаат со дел од нив, а најавено е и потпишување на заедничка декларација во врска со мигрантската криза.

По посетата на прифатниот центар Морија, тројцата високи гости ќе се сретна со претставници на локалните жители на Лезбос, како и со делегација на малата католичка заедница на островот. Предвидено е тие да одржат и заедничка молитва во пристаништето во Лезбос, по што ќе фрлат венци од свежо цвеќе во морските води во чест на мигрантите кои се удавија во Егејското Море во обид да стигнат до грчките острови.

Според најавата од Атина, тројцата црковни великодостојници за време на престојот на Лезбос ќе бидат придружувани и од грчкиот премиер Алексис Ципрас.