Граѓаните тргнаа кон Владата, блокирани пред Камени мост

Граѓаните кои беа блокирани во обидот да стигнат пред Собранието од големи полициски сили кај Порта Македонија, сега се блокирани и пред Камениот мост во обидот да стигнат пред Владата. Како што јавува нашиот репортер насобраните стојат со кренати раце пред полицијата извикувајќи „полициска држава“ . Имаше обиди и за фрлање кон полицијата со јајца, а другите демонстранти апелираа тоа да престане. Претходно насобраните фрлаа јајца и боја кон Порта Македонија и извикува „робија“, “нема правда, нема мир” „затвор за фашистите“, а на полицајците им порачаа да ги спуштат штитовите. Тие ја пееја и македонската химна. Зад големиот кордон полицајци пред собранието има и водени топови. Граѓаните револтирани поради одлуката за аболиција што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов веќе четврти ден протестираат. Бараат оставка од Иванов и суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори.