Даниелсон: Веродостојни избори се клучни за враќање на евроатлантскиот пат

Архивска фотографија.

Веродостоен изборен процес е клучен елемент за да се вратите на евроатлантскиот пат. Ги охрабрувам сите чинители и државни институции да ја поддржат работата на ДИК во прочистувањето на Избирачкиот список. Тоа ќе придонесе за враќањето на довербата на граѓаните во овој процес, речe генералниот директор на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон на денешната прес-конференција во Скопје по средбите со лидерите на четирите партии потписнички на Пржинскиот договор, како и со премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев.

Како што изјави Даниелсон, одложувањето на изборите во февруари овозможи дополнително време за да се постигне напредок во оваа насока, но нагласи сепак останува уште многу работа да се заврши. Тој се осврна и на улогата на медиумите во изборниот процес, особено на националните телевизии за кои рече дека имаат исто така клучна улога со цел граѓаните да донесат одлука заснована на информации на денот на изборите. Даниелсон воедно изрази загриженост од пријава за заплашување на гласачи. Според него, политичките партии тоа треба да го спречат, а државата таквото однесување да го санкционира. Специјалното јавно обвинителство, псоочи тој, е исто така значаен елемент на Договорот од Пржино. Притоа изрази загриженост за, како што рече, пријавените опструкции за неговата работа.