Димитриев: Консултации за избор на нови министри

Архивска фотографија

Во тек се консултации за избор на нови министри, е одговорот од кабинетот на премиерот Емил Димитриев за ТВ Телма. Премиерот ги прифатил оставките на министрите од ДУИ и согласно процедурата тие се испратени до Собранието на Македонија.

„ Право на политичката партија ДУИ е кои лица ќе ги повлече од позициите за министри и кои лица ќе ги определи и достави како предлози за избор на министри и, за овој процес се во тек консултации,“ е наведено во писмениот одговор од кабинетот на премиерот Димитриев.

Претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека ДУИ не ја напушта Владата туку само врши промена на кадарот. На таквата изјава реагираше портпаролот на ДУИ Артан Груби кој на социјалните мрежи напиша дека „одлуката за следните чекори на ДУИ по повлекувањето на нашите Министри и Заменици Министри е екслузивно само во рацете на Претседателот Али Ахмети и според Статутот но и одлуката на Претседателството, одлуката е само негова и на никој друг.“

Министерот за внатрешни работи и генерален секретар на СДСМ Оливер Спасовски денеска изјави дека станува збор за уште една политичка игра на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Тоа е работа што ја договараа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не очекувам ништо спектакуларно, туку замена на министри и привид дека се менуваат,“ изјави Спасовски.

Се очекува утре Собранието на пленарана седница да ги констатира оставките на функционерите на ДУИ.