Иванов: Се дозволи партискиот интерес да биде над државниот

архивска фотографија

Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата, кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес. Ова го изјави претседателот Ѓорѓе Иванов на свеченоста за 65 годишниот јубилеј од основање на Државниот архив.

„ Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем“ констатираше Иванов.

Шефот на државата смета дека сме сведоци на замаглување на просторот меѓу информацијата и манипулацијата, бидејќи, како што рече Иванов, сега и со информацијата се манипулира.

„ Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина. Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè“, рече претседателот Иванов.