Лукашенко - Кризата во источна Украина не може да се реши без САД

Белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека кризата во источна Украина не може да се реши без учество на САД. Тој ова го кажа денеска во Минск, по средбата со американскиот заменик секретар за одбрана, Мајкл Карпентер. Тој рече дека ако САД сакаат да стават крај на војната во источна Украина утре и преземат чекори во таа насока, „мелницата за месо“ таму ќе запре. Лукашенко оцени дека САД се водечка земја во светот со која секоја земја соработува. Тој исто така го поздрави, како што рече, подобрувањето на односите меѓу Минск и Западот, велејќи дека меѓусебните односи влегле во „нова фаза“.

ЕУ минатиот месец ги прекина петгодишните санкции против Белорусија, пофалувајќи го Лукашенко за ослободувањето на политичките затвореници и улогата на Минск во преговорите за окончување на кризата во Украина.