Заврши заложничката драма во Кипар

Лицето, кое утрово киднапираше авион на египетската авиокомпанија „Иџиптер“, ѝ се предаде на кипарската полиција. Како што јави кипарската државна телевизија, киднаперот со кренати раце излегол од авионот и им се предал на полицајците распоредени околу леталото. Претходно од авионот излегле седум лица, за кои се претпоставува дека се преостанатите киднапирани патници и членови на екипажот на леталото. Египетскиот авион „Ербас А320“, кој сообраќаше на релација Александрија-Каиро, беше киднапиран изутрината, по што киднаперот го принуди пилотот да слета на аеродромот во кипарскиот град Ларнака. Беше наведено дека не се работи за тероризам, туку оти киднаперот сакал да ја види неговата поранешна сопруга Кипранка, која живеела на островот.