Теренска проверка на спорните гласачи

Државната изборна комисија денеска започна со теренска проверка на над 89 илјади спорни гласачи во Избирачкиот список. Теренската проверка ја вршат анкетари на ДИК за кои беше спроведена обука. Заедно со нив има и набљудувачи од четирите политички партии, кои смеат само да набљудуваат, но не и да се мешаат. Анкетарите ќе ги посетуваат граѓаните на домашна адреса. Доколку не бидат пронајдени дома, анкетарите ќе ги посетат уште еднаш, а доколку и тогаш не бидат најдени, на граѓаните ќе им биде доставено известување да дојдат во подрачното одделение на ДИК. Теренската проверка би требало да заврши до 3 април. ДИК денеска одржува седница на која на дневен ред е Извештајот за прогресот во спроведувањето на теренските проверки на Избирачкиот список. На седницата ќе стане збор и за можноста за објавување на неконзистентните записи од вкрстените проверки на интернет, како и за барањата на Мисијата на ОБСЕ, МОСТ и Синергија за набљудување на теренските проверки.