Идентификуван и вториот бомбаш од бриселскиот аеродром

Наџим Лашрави

Белгиските власти го идентификуваа Наџим Лашрави како еден од бомбашите-самоубијци кои се разнесоа на аеродромот во Брисел пред три дена. Федералното обвинителство денеска соопшти дека 24-годишниот Лашрави бил идентификуван според ДНК доказите најдени на местото на нападот. Тој наводно бил добар ученик во католичкото училиште во Брисел пред да замине во Сирија во 2013 година. Другиот напаѓач на аеродромот претходно беше идентификуван како Ибраим ел-Бакрави.

Во меѓувреме, бриселската полиција денеска уапси тројца луѓе во врска со нападите од 22 март, во кои загинаа 31 луѓе, а 270 беа повредени. Уапсените наводно биле поврзани и со планираниот терористички напад во Париз, кој полицијата вчера соопшти дека го осуетила. Белгиската државна телевизија објави дека еден од уапсените носел торба со експлозив.