Павлопулос - Нема во ЕУ со фалсификувана историја

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во своето обраќање по повод Денот на независноста на Грција, 25 март, алудирајќи на спорот за името со Македонија, порача дека „соседните земји на Балканот, кои се стремат кон членство во Европската унија, инсистирајќи на име кое грубо ја фалсификува историјата и манифестираат иредентизам и демонстрираат бруталност кон бегалците, немаат европска иднина затоа што така директно се кршат европските принципи и вредности“.

За помалку од една седмица, ова е втора ваква изјава на грчкиот претседател. Минатата недела тој од Солун им порача на „лидерите на државата Скопје“ дека „треба веднаш да сфатат оти со инсистирањето на име со кое се прави обид за фалсификување на историјата, додека се подигаат огради од бодликава жица и се вршат варварски дејствија против бегалците, отворено се нарушуваат европските принципи и вредности, па затоа и натаму нема да бидат во можност да се приклучат кон Европската унија“.

„Ова е јасно и за тоа нема преговори“, изјави Павлопулос во Солун.