Продуктивни разговори Кери-Лавров

Американскиот државен секретар Џон Кери соопшти дека разговорите за Украина и Сирија со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Москва биле продуктивни. Кери претходно рече дека „кревкиот“ прекин на огнот во Сирија „произведе одреден напредок“, додавајќи дека сака да види дополнително намалување на борбите, како и поголем проток на хуманитарна помош. Кери ќе разговара и со претседателот Владимир Путин.

Претходно, Кери му го честиташе роденденот на Лавров и на шега рече дека треба да ги почитува постарите. На нивните денешни разговори во Москва, Кери рече дека се надева дека 66-тиот роденден на Лавров, кој беше претходно оваа недела, „ќе му донесе дополнителна мудрост“ во меѓусебните разговори.

„Ако мудроста се мери според бројот на родендени, не можам да се мерам со тебе“, рече Лавров, заблагодарувајќи му се за честитките на неговиот шест години повозрасен американски колега, на што Кери му рече дека треба да ги почитува повозрасните од него.

Лавров е роден на 21 март 1950, а Кери на 11 декември 1943 година.