Денеска во Хаг пресуда за Радован Караџиќ

Хашкиот трибунал денеска ќе ја соопшти пресудата за поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ. Седумдесет-годишниот Караџиќ е обвинет во две точки за геноцид во Сребреница и уште седум општини во БиХ за време на војната од 1992 до 1995 година. Во преостанатите 9 точки обвинението го товари за прогон, истребување, убиства, депортации, нехумани дела, тероризирање на цивилно население, незаконити напади врз цивили и земање меѓународни заложници. Овие кривични дела се оквалификувани како злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната.

Обвиненијата против Караџиќ се фокусирани врз прогонот на Муслимани и Хрвати во БиХ, кој во 7 општини имал размери на геноцид, кампања на артилериски и снајперски напади со цел теоризирање на населението на Сараево за време на војната во БиХ, земање на персонал на УНПРОФОР за заложници во 1995 година, како и за геноцидот во Сребреница во јули 1995-та.

Во завршните зборови во октомври 2014 обвинителите побараа од судиите да го прогласат Караџиќ за виновен по сите точки од обвинението и да го осудат на доживотен затвор.

Караџиќ, кој се бранеше сам, побара да биде ослободен, тврдејќи дека обвинителите не ја докажале неговата вина.