Лавров - Киев не го спроведува договорот од Минск

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во Москва го пречекува неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини украинската влада дека не го спроведува договорот од Минск за прекин на огнот во источна Украина. Лавров, кој денеска во Москва го пречекува неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер, изјави дека пасивноста на Киев е главна пречка за мировниот договор. Договорот, што беше потпишан пред една година во Минск, помогна за намалување на борбите меѓу украинските сили и проруските сепаратисти, но престрелките продолжуваат. Штајнмаер ги повика двете страни да го почитуваат договорот, предупредувајќи на можна ескалација. Тој исто така изрази надеж дека е можно да се најде хуманитарно решение за украинската воена пилотка Надја Савченко која вчера беше осудена на 22 години затвор во Русија за наводна вмешаност во убиството на двајца руски новинари во 2014 година.