Во Белгија зголемени безбедносни мерки

Во Белгија се зголемени безбедносните мерки и започнаа пребарувања и претреси низ земјата по вчерашните експлозии на бриселскиот аеродром и во метро-станица, во кои загинаа најмалку 34 луѓе, а за кои одговорноста ја презеде екстремистичката група Исламска Држава. Белгија ја подигна тревогата од тероризам на највисоко ниво и испрати дополнителни 225 припадници на безбедносните сили во Брисел. Во нападите беа повредени повеќе од 180 лица, а министерот за здравство Маги де Блок изјави дека многумина се во сериозна состојба.

Белгиските безбедносни сили спроведоа рации во областа Шербек во Брисел и нашле експлозиви и знамето на Исламската Држава. Белгиски медиуми објавија фотографија на безбедносна камера, на која три млади момчиња туркале количка натоварена со багаж на аеродромот. Според извештаите, двајца од нив се осомничени дека се кренале во воздух, додека официјални лица изјавија дека се во "активна потрага" по трет човек како осомничен напаѓач.