Повторно одложена комисиската расправа за Извештајот на СЈО

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која на дневен ред е Извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство денеска повторно е одложена. Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев рече дека поради отсуство на специјалната обвинителка Катица Јанева, не се создадени деловнички услови за одржување на седницата и ја презакажа за утре во 13 часот. Ѓорчев вели дека Јанева има уставна и законска обврска да биде присутна утре на седницата.

Во специјалното обвинителство, пак, велат дека Јанева нема обврска да дава отчет, туку само да достави извештај за работата. Рената Десковска од СДСМ, пак, изјави дека со одложување на седницата, ВМРО-ДПМНЕ бега од дебата за Извештајот на Јанева, но и на јавниот обвинител Марко Зврлевски. Таа посочува дека Извештајот на Зврлевски е доставен пред девет месеци, но не било расправано за него.