Микл-Лајтнер: Сега затворете ја и источнобалканската рута

Министерката за внатрешни работи на Австрија, Јохана Микл-Лајтнер

Министерката за внатрешни работи на Австрија, Јохана Микл-Лајтнер порача дека по западнобалканската, сега треба да се затвори и т.н. источнобалканска рута.

„По затворањето на западната балканска рута и договорот на ЕУ со Турција, постои потенцијал од 1,1 милион луѓе кои би можеле да тргнат на пат кон Бугарија“, предупреди таа во изјава за австриската државна телевизија ОРФ.

Микл-Лајтнер истовремено укажа дека е скептична кон спогодбата меѓу ЕУ и Турција, додавајќи дека таа не го решава проблемот. Според неа, веќе се гледаат алтернативи на движење во правец на Бугарија, бидејќи е затворена границата на Македонија кон Грција.

Микл-Лајтнер нагласи дека е воочена и зголемена активност на криумчарите со луѓе во правец на Бугарија, како и дека тука се создава нов коридор за масовна миграција.