Непочитување на законите или страв на власта од Јанева?

Претседателот на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Влатко Ѓорчев денеска рече дека со жалење констатира дека ова веројатно е прв случај во демократската и плурална историја на Македонија едно избрано или именувано лице да не се појави и да не го образложи Извештајот за својата работа и за работата на институцијата која ја раководи. Тој претходно ја одложи седницата на Комисијата, откако специјалната обвинителка Катица Јанева не дојде да го образложи извештајот. Според Ѓорчев, тоа е непочитување на Собранието, зашто сите избрани и именувани функционери даваат отчет пред Собранието – од амбасадори до претседател на државата.

„На овој начин госпоѓа Катица Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Устав, ниту според закони“, рече Ѓорчев.

Рената Дескоска од СДСМ, пак, оцени дека со одложувањето на седницата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја покажува паниката во нивните редови и, како што рече, е потврда за стравот на Никола Груевски да се соочи со одговорноста на криминалите кои ги има во проектот „Вистината за Македонија“. Според неа, власта прави се сè да ја опструира работата на Јанева.

Таа вели дека Собранието досега не дебатирало за извештаите на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.