Одложена комисиската расправа за Извештајот на СЈО

Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците е одложена за утре во 11 часот поради неприсуство на подносителот на Извештајот за активностите на Специјалното јавно обвинителство за период од шест месеци. Претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев рече дека подносителот на овој Извештај, којшто требаше денеска да биде разгледан, не е присутен поради што констатира дека не се создадени деловнички услови за одржување на седницата. Извештајот ќе се разгледува и на пленарна седница во Собранието, на 28-ми овој месец.

Минатата недела, Советот на јавни обвинители ја одложи седницата, бидејќи специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не се појави, а имало нејаснотии во извештајот.

Од СЈО коментираа дека немаат законска обврска да го образложуваат јавно извештајот, бидејќи според Законот за специјално обвинителство, Јанева е обврзана да поднесува извештај за својата работа на секои шест месеци до Собранието и Советот на ЈО, но не и да дава отчет.