Трајанов доби нов мандат на Конгресот на ДС

Демократсиот сојуз е подготвен за самостоен настап на предвремените парламентарни избори, отворен е за соработка и повикува на обединување и формирање нова политичка сила, како одговор на граѓанската определба за промени, рече лидерот на партијата Павле Трајанов на петтиот Конгрес на ДС кој денеска се одржа во Скопје. Тојдоби нов мандат за претседател на ДС, а делегатите избраа и Централен совет од 80 члена.

Трајанов во обраќањето побара одговорност за сите сторители на тешки кривични дела, „ослободување” на медиумите, одвојување на партиите на власта од државата, поддршка за Специјалното јавно обвинителство и прочистување на Избирачкиот список.

„Тоа се битни предуслови за учество на изборите. Ние сме подготвени за избори, но не сме луди да учествуваме во наместен натпревар, каде што волјата на граѓаните не може да се канализира во пратенички мандати“, рече Трајанов.

Лидерот на ДС предлага реизбор на сите судии и обвинители и ревизија на оние судски случаи во кои, како што рече,биле судени затоа што се политички противници.

Програмата на ДС, меѓу другото,предлага најниска плата од 300 евра, најниска пензија од 200 евра и социјална помош од 100 евра, Парламент од 90 пратеници, двојно намалување на бројот на министри и намалување на бројните агенции, регулаторни тела, како и целосно укинување на репрезентацијата на функционерите.