Урнат споменикот на Ленин во Запорожје

Украина го урна најголемиот преостанат споменик на водачот на бољшевичката револуција Владимир Илич Ленин. Статуата од 40 тони во градот Запорожје на југоистокот на земјата беше симната од постаментот со кран. Споменикот стар 60 години падна како жртва на т.н. закон за декомунизација. Околу 1.000 статуи на Ленин во Украина се соборени, а илјадници улици, плоштади, градови, села, фирми и други правни субјекти и топоними треба да бидат преименувани според контроверзниот закон, донесен минатата година, со кој се осудуваат советскиот и нацистичкиот германски режим и се забранува секаква пропаганда, симболи или имиња поврзани со нив. Руската анексија на Крим и мешањето во конфликтот во источна Украина и дадоа на земјата поттик да расчистува со советското минато.