ТИ Македонија - Претседателот Иванов да не помилува за изборен криминал

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал-Македонија

Одлуката на Уставниот суд со која на Претседателот на Македонија му се дава надлежност да помилува лица кои се гонети или осудени за кривични дела за корупција при гласање и избори е во спротивност со препораките и принципите на ГРЕКО, стои во писмената реакција на Транспаренси интернејшнал Македонија. Во неа се наведува дека организацијата изразува длабока разочараност поради одлуката на Уставниот суд. Понатаму се наведува дека Македонија како земја-членка на ГРЕКО презела обврска да обезбеди механизми за казнување на сторителите на кривични дела поврзани со корупција и да не дозволи простор сторителите да ги избегнат казните за она што го сториле.

Оваа одлука, според Транспаренси Интернејшнал Македонија е во спротивност и со препораките на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, во кои беше наведено дека Македонија се соочува со сериозни проблеми на ова поле.

Организацијата со писмо побарала од претседателот Ѓорге Иванов да се воздржи од правото да помилува лица гонети или осудени за некое од овие кривични дела, за да се избегне нанесување на ненадоместлива штета на борбата против корупцијата и довербата на граѓаните во институциите.