Во Косово уапсени две лица поради финансирање на борци на ИД

Архивска фотографија

Во две одделни операции на косовската полиција уапсени се две лица под сомнение дека помагале за собирање пари и финансирање на борци за Исламска држава во Сирија и во Ирак. Едниот од осомничените е бизнисмен од Приштина кој ја користел фирмата за финансиска и логистичка поддршка на лицата кои врбувале доброволци за ИД и на самите доброволци кои заминале во конфликтните зони. Големиот број на луѓе, меѓу кои и вработени во неговата фирма, загинале на боиштата на Блискиот Исток. Другиот осомничен е приведен во Призрен, поради финансирање на двајца косовски граѓани кои сакале да се приклучат на ИД, а биле уапсени во декември, пред да го напуштат Косово. Приведениот набрзо бил ослободен.

Според полициски податоци околу 300 косовски граѓани се борат на страната на ИД, а повеќе од 50 се убиени. Над 100 луѓе се уапсени или под истрага за врбување на доброволци или за учество во конфликтите во Сирија и во Ирак.

Косовскиот суд минатата недела осуди маж на три години затвор бидејќи се борел на страната на ИД. Новиот закон предвидува до 15 години затвор за учество во странски конфликти.