Иран го критикува извештајот за човекови права на ОН

Иран остро го критикува извештајот за човекови права на ОН во Исламската република. Специјалниот известувач за Иран на ОН, Ахмед Шахид, изрази загриженост поради екстремно високата стапка на егзекуции, особено на малолетници, во земјата. Во својот извештај до Советот за човекови права на ОН претставен завчера, Шахид вели дека „Иран останува една од ретките земји која сè уште прибегнува кон оваа практика и покрај строгата забрана со меѓународното право“.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи Хосеин Џабер Ансари денеска соопшти дека извештајот „е пристрасен и се стреми кон постигнување политички цели“. Тој вели дека Иран е „посветен на своите обврски за унапредување на човековите права во согласност со Уставот и со религиозните вредности“.

Во извештајот на Шахид се посочува дека луѓето обвинети за кривични дела поврзани со националната безбедност или со дрога често немаат право на фер судење.