Демонстрантите наместо пред Уставниот суд, ноќта ќе ја поминат пред МНТ

Демонстрантите, кои беа блокирани пред Музејот на ВМРО и со полициски кордон не им беше дозволен пристап до Уставниот суд, каде што беа организирани контра-протести од партијата ГРОМ, одлучија ноќта да ја поминат пред Македонскиот народен театар, каде симболично ќе одржат бдеење за одбрана на Уставот. Тие рекоа дека нивната цел е да избегнат судири со учесниците на контра-протестот и со полицијата.

Демонстрантите бараат да се спречи укинувањето делови од Законот за помилување, со што на Претседателот ќе му се овозможи да помилува лица за изборни нерегуларности. Тие извикуваа „Нема правда-нема мир“ на протестот кој започна пред Владата.

Протестот е организиран од граѓанската платформа „Ајде“ и е подржан од опозицискиот СДСМ.

Од попладнето група граѓани предводени од партијата ГРОМ поставија кампови во блиизина на Уставниот суд. И двете групи најавија дека нема да отстапат и ноќта ќе ја поминат надвор за одбрана на своите барања.