Контра-протест пред Уставниот суд

Фото: novatv.mk

Поголема група граѓани, меѓу кои и советници од општина Карпош, во моментов се собрани пред Уставниот суд, при што на предната и на задната страна од објектот поставуваат тенди. Како што вчера најави градоначалникот Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски, денешниот собир е за да им дадат поддршка на уставните судии. Пристапот до Уставниот суд е забранет и присутно е поголемо полициско обезбедување.

Контрапротестот, чиј организатор е ГРОМ, беше најавен откако граѓанската платформа Ајде за вечерва во 18 часот најави нов протест пред Уставниот суд, против, како што велат, неуставното работење на оваа институција. Протестот ќе почне пред зградата на Владата, ќе продолжи пред Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, потоа пред Собранието и ќе заврши пред Уставниот суд. Вечерва, како што најавија организаторите, пред Уставниот суд ќе се одржи бдеење над Уставот, а ќе кулминира в среда кога ќе ги пречекаат уставните судии кои на седница треба да одлучуваат за иницијативата, да се прогласат за неуставни дел од одредбите на Законот за помилување, кои му забрануваат на претседателот Иванов да амнестира за дела поврзани со изборен криминал.