Русија се противи на нови санкции против Иран

Aмбасадорот на Русија во ОН, Виталиј Чуркин

Русија, која има право на вето во Советот за безбедност на ОН, соопшти дека се противи на воведување санкции на ОН против Иран, поради последните тестирања на балистички проектили. Запрашан дали Иран треба да се соочи со санкции од Советот за безбедност поради ракетните тестови, амбасадорот на Русија во ОН, Виталиј Чуркин рече дека „краткиот и јасен одговор е не“. Чуркин рече дека Иран не ја прекршува резолуцијата на ОН која го одобрува договорот за нуклеарната програма меѓу Иран и шесте светски сили постигнат во јули 2015 година.

Резолуцијата го повикува Иран да се воздржи од развивање балистички проектили способни да носат нуклеарна боева глава. Техеран минатата недела соопшти дека ракетните тестови немаат за цел развивање на нуклеарната способност.

Се очекува министрите за надворешни работи на ЕУ на денешната средба во Брисел да разговараат за можни санкции против Иран поради последните ракетни тестирања.