Ердоган се закани дека ќе го укине турскиот Уставен суд

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека пресудата на Уставниот суд со која се наредува ослободување од притвор на двајца уредници на опозициски весник претставува чекор против државата и предупреди дека со повторување на слични одлуки овој суд може во прашање да го доведе сопственото постоење, пренесуваат британските медиуми.

Уставниот суд минатиот месец донесе одлука дека притворањето на Џан Диндар и Ердем Ѓул, главниот уредник и шефот на редакцијата во Анкара на турскиот опозициски весник „Џумхуриет“ било „незаконско“ и дека ги нарушило индивидуалната слобода и безбедност. Тие беа уапсени под сомнение дека свесно помагале во вооружувањето на терористичка организација и објавувале материјал со кој е нарушена државната безбедност.

„Оваа институција (Уставен суд), вклучувајќи го нејзиниот претседател и некои членови, не се воздржаа од донесување одлука која е насочена против државата и народот, поврзана за конкретниот пример на еден од најголемите напади врз Турција во последно време. Се надевам дека Уставниот суд нема повторно да се обидува нешто слично, со што ќе отвори дебата за сопственото постоење и легитимност“, рече Ердоган на митинг во градот Бурдур на југозападот на Турција, што во живо беше пренесува на телевизија.

„Џумхуриет“ во мај минатата година објави фотографии, видео снимки и напис кои покажаа како турските разузнавачи во 2014 година со камиони префрлале оружје во Сирија, потсетуваат британските медиуми.