Ципрас - Хуманитарната криза во Идомени е европско прашање

Грчката држава, и покрај економските тешкотии, успеа да ги зголеми можностите за прием и сместување на бегалците. Оваа недела изградивме околу 10 илјади места и тоа е нешто што ниту една невладина организација не може да го направи, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната средба во Атина со еврокомесарот за хуманитарна помош и управување со кризи Христос Стилианидис.

„Хуманитарната криза што се случува во Идомени не е грчко, туку важно европско прашање, и ние мора заедно да се соочиме со него“, истакна Ципрас.

Според него, токму затоа, „сериозна работа што ја извршува државниот механизам во Грција мора да има значителна и широка поддршка од Европската комисија, како и од секоја земја која сака да придонесе“.