ЕУ нема да прави исклучоци за визната либерализација за Турција

Премиерите на Грција и на Турција, Алексис Ципрас и Ахмет Давутоглу

Европската унија нема да прави никакви исклучоци за Турција во постапката за визна либерализација со оваа земја, изјави денеска портпаролката на Европската комисија Наташа Берто на прес-конференцијата во Брисел, пренесува ТАСС.

„Нема да има никакви измени, сите појдовни точки остануваат исти“, рече таа, одговарајќи на прашања на новинарите за тоа дали ќе биде поедноставена постапката за Турција во врска со намерата на ЕУ да го заврши процесот на визна либерализација со оваа земја до крајот на јуни.

По средбата ЕУ - Турција на 7 март турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека укинувањето на визите со ЕУ ќе се случи до крајот на јуни.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер потврди дека Брисел и Анкара се договориле за тоа, но истакна дека условите треба да бидат исполнети.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека за укинувањето на визите меѓу Турција и ЕУ, Анкара треба да исполни 72 барања.