Сопартијци на Меркел против укинување на визите за Турција

Германската канцеларка Ангела Меркел

Дел од влијателните членови на германскиот конзервативен блок на канцеларката Ангела Меркел се противат на договорот за безвизен режим за патување на турските граѓани во ЕУ, како предуслов Анкара да го запре приливот на бегалците да доаѓаат во Европа. Како што јави дописникот на МИА од Берлин, тие бараат пред постигнувањето на ваков договор со ЕУ, Турција да биде прогласена за „безбедна земја“ со што драматично ќе се влошат можностите Брисел и Анкара да постигнат договор за бегалците. Доколку Турција добие ваков статус, тогаш сите идни баратели на азил кои дошле од таму ќе можат без проблем да бидат депортирани назад. Предводник на ваквите ставови во Германија е баварската Христијанско социјалната Унија (ЦСУ), сестринска партија на Христијанско демократската Унија (ЦДУ) на Меркел, која јавно се сомнева во можноста Турција да ги исполни критериумите и да стане дел од ЕУ.