Нов тест на балистички проектили во Иран

Иран соопшти дека неговите вооружени сили пробно истрелале неколку балистички проектили ширум земјата, како дел од воени вежби. Денешниот тест на Иранската револуционерна гарда е со цел да ја покаже „превентивната сила на Иран, како и способноста на Исламската Република да се соочи со секоја закана“, објави новинската агенција ИСНА.

САД во јануари воведоа нови санкции против 11 компании и поединци поради набавки за балистичката програма на Иран. До овој чекор дојде откако Вашингтон укина големи санкции против Иран поради договорот за ограничување на нуклеарната програма. Иран тестираше прецизно наведуван балистички проектил кој може да носи нуклеарна боева глава со што ја прекрши забраната на ОН во октомври минатата година. Американскиот претседател Барак Обама рече дека тестот е прекршување на меѓународните обврски на Техеран.