ЕУ и Турција: во идната недела договор за враќање на мигрантите

Европската унија и Турција ги утврдија основите на можниот договор за враќање илјадници мигранти во Турција што би бил усвоен на самитот најавен за 17 март. По вчерашните разговори во Брисел, евро лидерите оценија дека предлогот понуден од Турција за враќање на еден илегален мигрант за секој бегалец кој ќе биде прифатен од Европската унија како почеток на, според нивните очекувања, конечен договор во идната недела. „Вистината е дека Турција на самитот дојде со атрактивни предлози и верувам дека многумина беа изненадени“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас. Германскиот канцелар Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон, лидерите на Европската унија Жан Клод Јункер и Доналд Туск, предлогот на Турција го оценија како пробив кој преку дополнителна работа ќе доведе до ефикасен план. Според Туск кој е задолжен да ги договори деталите на спогодбата со Турција, деновите на нерегуларната миграција во Европа завршиле. Покрај ваквата размена на мигранти за бегалци, Турција побара и двојно повеќе финансиска помош од претходно ветената од 3 милијарди евра.