Петиција за ослободување украинска пилотка од Русија

Повеќе од 200 политички лидери и други познати личности го потпишаа отвореното писмо до европските лидери во кое се бара да преземат „итни мерки“ и да побараат Русија да ја ослободи затворената украинска пилотка Надја Савченко. Добитничката на Нобеловата награда за литература, Светлана Алексиевич од Белорусија, е една од потписничките на писмото, кои ги обвинува руските власти за „исмејување на граѓанските права, меѓународното право, но и сопствениот Устав“. Савченко беше уапсена во јуни 2014 година додека како украински доброволец се бореше против проруските сепаратисти во источна Украина. Сега ѝ се суди во Русија под обвинение дека на украинските сили им доставила координати за минофрлачки напад во кој загинаа двајца руски новинари. Обвинителството бара да биде осудена на 23 години затвор.