Во Грција има повеќе од 33 илјади бегалци

На грчка територија во моментов има повеќе од 33 илјади бегалци, соопшти денеска Координативниот центар за справување со миграцијата. Како што јави дописникот на МИА од Атина, на островите има над шест илјади бегалци, а на копно има 27 илјади бегалци од кои осум илјади се во Идомени. Грчкиот заменик-министер за одбрана Димитрис Вицас, кој е одговорен за справување со бегалската криза, претходно соопшти дека во текот на оваа недела Грција ќе обезбеди капацитети за сместување на уште 16 илјади бегалци и имигранти.