Полицијата како тампон зона меѓу две групи во Бутел

Група од стотина луѓе, дојдени главно од скопската населба Радишани, се собрани во близина на полициската станица во Бутел, во знак на протест поради тоа што приврзаници на ДУИ од синоќа кампуваат на местото каде што беа поставени темелите на 55-метарскиот крст, откако претходно ги урнаа тарабите што го оградуваа просторот. Специјални полициски сили со две оклопни возила не им дозволуваат на насобраните да се доближат до местото каде што е импровизираниот камп. Како што јавува нашиот репортер од теренот, во кампот се палат огнови и се пушта гласна музика.

За време на вчерашниот протест во организација на ДУИ, градоначалникот на Чаир Изет Меџити рече дека протестите нема да престанат се додека не се повлече одлуката за поставување на крстот, бидејќи тој бил провокација до сите Албанци во Македонија.

Денеска, пак, градоначалникот на Бутел Петре Латиновски го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со полициска асистенција да го ослободи просторот каде што беа поставени темелите на крстот.