ВМРО-ДПМНЕ бара полициска реакција во Бутел, МВР повикува на воздржаност

Кампот на ДУИ каде што почна да се гради 55-метарски крст во Бутел

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека најостро го осудува вчерашното насилие и беззаконие што беше демонстрирано во Општина Бутел и бара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да постапи согласно овластувањата.

„Спасовски вчера дозволи толпата да го преземе законот во свои раце, да пали дрвја, да урива огради и да узурпира јавен имот на територијата на општина Бутел. Спасовски и неговите инсталирани послушници од СДСМ во МВР вчера избегаа од одговорноста за која се платени од граѓаните на Македонија и не дадоа наредба на полицијата да ја спречи толпата која што спроведуваше сопствен закон“, стои во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквото однесување на Спасовски е недозволиво, кукавичко и целосно неодговорно и може да биде повод граѓаните да почнат самите да ја штитат својата безбедност, да ги штитат своите општини и самите да се борат за почитување на Уставот и законите на Република Македонија.

„Тоа ќе значи вовед во понатамошен хаос, нешто што е спротивно на интересите на граѓаните на Македонија“, се наведува во соопштението.

МВР, пак, денеска ги повика сите субјекти да се воздржат од креирање сценарија со кои, како што посочуваат оттаму, се добиваат евтини политички поени, а на сметка на безбедноста и сигурноста на граѓаните.

„Злоупотребата на етничките и верските симболи што се случува деновиве може да има не само негативни политички и безбедносни импликации, туку и да ги поткопа процесите за фер, слободни и демократски избори“, се вели во соопштението од МВР.

Министерството апелира до организаторите на овие случувања да имаат предвид дека секое кршење на законите повлекува соодветни санкции.