Попоски ја повика Грција да ги тргне мигрантите од границата

Министерот за надворешни работи Никола Попоски ја повика Грција да ги отстрани илјадниците белалци и мигранти кои веќе со денови кампуваат во Идомени на границата со Македонија. Во интервју за Асошиејтед прес, Попоски вели дека ова би било пред сè во интерес на самите мигранти, кои треба да бидат сместени во соодветни центри.

„Ова што го имаме сега не е решение. Доколку навистина се грижите за тие луѓе, треба да бидат сместени во прифатни центри кои се оспособени да примат толку голем број на луѓе“, вели Попоски.

Грчките власти бараат Македонија одново да ги отвори границите за непречено минување на мигрантите, но Попоски вели дека тоа ќе зависи од одлуките на другите држави на балканската рута, северно од Македонија.

„Ние чекаме да ни бидат кажани бројките на мигранти кои ќе бидат примени во земјите кои се нивни одредишта и тоа ги определува дневните квоти на мигранти кои можат да влезат на македонска територија“, истакнува Попоски.