Истрага за изборен криминал во Општина Струмица

Зоран Заев, претседател на СДСМ

Полицијата по налог на обвинителот за организиран криминал, Јован Илиевски, претпладнево во Општината Струмица одзела четири општински компјутери и направила распит со десетина лица, меѓу кои и актуелен советник и координатор на изборен штаб на СДСМ во Струмица и дел од граѓаните. Од кабинетот на градоначалникот Зоран Заев, кој е и лидер на СДСМ, биле одземени два компјутери, јавува Утрински весник.

Веста за акцијата ја потврдија од СДСМ, а стигна и официјална потврда од Јавното обвинителство на нивната веб-страница, од каде што потврдија дека се испитуваат можни изборни злоупотреби. Според неофицијални информации, предмет на истрага биле претседателските и парламентарните избори во 2014 година.

Според информациите, Илиевски водел истрага за наводни изборни измами и купување гласови. Образложението на тимот од Обвинителството за организиран криминал било дека имаат индиции за изборни измами во општина Струмица.